Од авионот кој утрово се урна во Казахстан, во кој според најновите информации загинаа 12 лица, спасувачите извлекле бебе.
Леталото во кое имало 93 патници и пет членови на екипажот се урна при полетувањето. Спасувачите од авионот ги извлекоа преживеаните, од кои неколкумина биле заглавени под раскршениот авион.
На снимките од спасувњето се гледа како униформиран маж трча низ снегот, држејќи во прегратка бебе облечено во бел скафандер. Мажот трча кон Итната помош за да му се пружи лекарска помош на бебето. Состојбата на бебето засега не е позната.
Преживеаните наведуваат дека авионот пред падот се тресел и се слушнал „ужасен звук“.
„Авионот летал под косина. Се беше како на филм: луѓето викаа, врескаа и плачеа“, рече една преживеана патничка за Тенгринњуз, додавајќи дека слушнала ужасен звук“ пред авионот да почне да ја губи висината, пренесува Ројтерс.
Уште еден преживеан, бизнисменот Аслан Назарлиев, рече за списанието Времиа дека авионот почнал да се тресе додека добивал надморска височина на околу 2 минути по полетувањето.
Компанијата „Бек ер“, која е сопственик на леталото кое се урнало, има флота од 100 авиони. Комитетот за Цивилна авијација соопшти дека ги суспендираат сите летови на авионите „Фокер 100“ додека трае истрагата.
Авионот кој денеска се урна е стар 23 години. Произведувачот на авиони поднесе барање за банкрот во 1996 година, а производството е стопирано 10 години подоцна.



