По забавувањето на економската активност во 2017 година, од минатата година се забележува постепено забрзување на македонската економија. За оваа година, од досега расположливите податоци се гледа дека трендот на постепено забрзување на економската активност продолжува – остварената стапка на економски раст во првите три квартали е 3,6 отсто. Нашите проекции за оваа година се раст од околу 3,5 отсто. Имајќи ги предвид досегашните движења, кај економската активност нема позначајно отстапување од проектираното од Народната банка, а нема ни позначајни отстапувања кај инфлацијата која е проектира на еден отсто.
Ова меѓу другото го истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју емитувано во емисијата „Што не е јасно?” на Алфа ТВ.
Притоа, како што соопшти Народната банка денеска, таа се осврна и на факторите што го движат економскиот раст, при што одделно го истакна придонесот на растот на извозот.
Осврнувајќи се на оцените на агенцијата „Фич”, таа посочи дека банкарскиот систем е фактор што позитивно влијае на кредитниот рејтинг што го има нашата земја.
– Банкарскиот систем е здрав, високо капитализиран и со солидно ниво на ликвидност. Тој е во кондиција да се справи со какви било надворешни шокови, што се потврдува и преку редовните стрес-тестови, рече Ангеловска-Бежоска.
Во интервјуто, гувернерката говореше и за предизвиците поврзани со случувањата во глобалната и европската економија.