Инцидент и во српското Собрание поради настаните во Црна Гора

Во српското собрание денеска се случи инцидент откако пратениците на опозициското движење Двери, Бошко Обрадовиќ и Иван Костиќ, кои го бојкотираат собранието, влегоа на собраниската седница за да го изразат незадоволство поради нереагирањето на српските власти на усвојувањето на Законот за верски слободи во Црна Гора. Обрадовиќ и Костиќ се судрија со шефот на пратеничката група на владејачката Српска напредна партија (СНС), Александар Мартиновиќ, по што следеше општ метеж.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, носејќи транспаренти „Вучиќ и Мило – браќа близнаци” и „Србијо, зошто молчиш?”, Обрадовиќ и Костиќ застанаа на собраниската говорница и ги прашаа пратениците од владејачката коалиција зошто не реагираат на усвојувањето на Законот за верски слободи во Црна Гора и на апсењето на пратениците на Демократскиот фронт.

Во еден момент, шефот на парламентарната група на СНС, Александар Мартиновиќ, стана од собраниската клупа и се приближи до говорницата, на што Костиќ се испречи меѓу него и Обрадовиќ, дојде до повлекувања и лидерот на Двери го турна Мартиновиќ.

Настана општ метеж и туркање во кој, покрај пратениците на Двери и владејачката коалиција, учествуваше и министерот за одбрана на Србија Александар Вулин. Еден од пратениците на СНС им ги скина транспарентите на Двери.

Првиот спикер, Маја Гојковиќ ја прекина седницата и ги замоли пратениците да не реагират на, како што рече, „смислената провокација” на Бошко Обрадовиќ.

Ситуацијата се смири по неколку минути, а Обрадовиќ и Костиќ ја напуштија собраниската сала.

Треба да знаете
Последни објави