Мексико се жали до Меѓународниот суд на правдата за малтретирањето на нејзините дипломати во Боливија

Мексико најави дека ќе ја изнесе Боливија пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради малтретирањето на нејзните дипломати во земјата, пренесува „Спутник“. Спорот се појави по одлуката на Мексико да му даде азил на соборениот боливиски претседател Ево Моралес.

Намерата за жалба до МСП ја објави министерот за надворешни работи на земјата, Марсело Ебрард, на неговата редовна прес-конференција во четвртокот. Мексико апелира до Хашкиот суд да се погрижи неговите дипломатски установи во Боливија да бидат почитувани и да се стави крај на полициската и воената опсада врз нив.

Меѓународната заедница најверојатно ќе застане зад Мексико, предупреди Ебрард, споредувајќи го ставот на „де факто“ владата во Боливија со воените хунти во многу држави од Латинска Америка во 70-ите и 80-ите години.

Изјавата на министерот предизвика одредена збунетост зашто тој првично рече дека земјата бара помош од Меѓународниот кривичен суд (МКС) – што ќе значи ефективно обвинување на боливиската влада за државен удар за сторени кривични дела против нејзините дипломати. Како и да е, се покажа дека Ебрард погрешно се изразил и всушност мислел на МСП – институција за решавање правни спорови меѓу независните држави.

Одговарајќи на изјавите на Ебрард, Боливија ги отфрли овие тврдења и тврди дека ја почитува Женевската конвенција и никогаш нема да влезе во дипломатски претставништва без дозвола.

Треба да знаете
Последни објави