СВЕТОТ ВО 2019: Хрватска во 2020 влегува со избори и претседателство со ЕУ

Во Загреб се одвиваат последните градежни зафати на објектот каде што ќе биде сместено претседателството на Европската Унија. Најновата земја членка има одговорна задача. Веќе на почетокот на јануари ќе треба да го пречека раководството на ЕУ, а во мај ќе го организира и самитот на Унијата.

Организациските подготовки се веќе започнати, а токму овој состанок на лидерите на земјите членки на ЕУ има огромно значење и за нас. Имено, Северна Македонија по октомврискиот состанок на унијата во Брисел, има големи очекувања од Самитот во Загреб, каде што властите на Северна Македонија, но и на најголем дел од државите членки на ЕУ, се надеваат дека на земјата ќе и биде доделен конкретен датум за почеток на преговорите. На тоа се надева и официјален Загреб. Тамошната Влада неколку пати го повтори ставот, дека отворањето на преговорит со Северна Македонија и Албанија е нешто што треба да се случи за време на нивното претседателство, а тоа на францускиот преседател Емануел Макрон пред само неколку недели директно му го кажа хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Хрватските власти најавија дека на мајскиот самит во Заграб, ќе бидат поканети да учествуваат и шест држави од југо-источна Европа.

А, дека Хрватска е добар организатор на големи политички настани се покажа и во ноември, кога во Загреб се одржа конгресот на Европската Народна Партија (ЕПП). Хрватите долго време се подготвуваа за настанот, а на него учествуваше и новоизбраниот претседател на ЕПП, Полјакот Доналд Туск.

Годината што изминува Хрватите ќе ја паметат и по „сагата” со соседна Словенија околу територијалниот спор и одлуката на арбитражниот суд. А, на Хрватска и се многу важни добрите односи со Словенија, имајќи предвид дека сакаат набрзо да влезат во Шенген зоната, а за тоа поддршката од Љубљана им е многу важна.

Хрватска секоја година заработува милијарди евра од туризмот кој е нивна најголема и најважна стопанска гранка, а отворањето на границите за богатите Европејци за нив е од големо економско, но и политичко значење.

Сепак, политички настан број еден оваа година беа преседателските избори. Единаесет кандидати влегоа во трката за прв човек на државата. Според анкетите и распоредот на силите, уште пред неколку месеци се претпоставуваше дека ќе има втор круг, а шанси да влезат во него им се даваа на актуелната претседателка и кандидат на ХДЗ Колинда Грабар-Китаровиќ, на кандидатот на СДП и поранешен премиер Зоран Милановиќ и на кандидатот на десницата, популарниот пеач Мирослав Шкоро.

Во трка за шеф на државата влезе и хрватскиот режисер Дарио Јурчан, кој јавноста ќе го запомни по неговите несекојдневни изјави. Имено, тој за време на кампањата се залагаше корупцијата во земјата да биде достапна за сите граѓани, а не само за политичарите. Мотото на неговата кампања беше „Корупција за сите!”.

За Грабар-Китраровиќ ова беа посебно важни избори, но уште повеќе за партијата која ја поддржува, односно ХДЗ. За нив е важно пред почетокот на претседателството со ЕУ да се етаблираат како важен политички фактор. Анкетите и даваа најголеми шанси да оди во вториот круг со најмногу освоени гласови, односно 28,3 отсто од гласачите да го заокружат нејзиното име. Според истите прогнози за Милановиќ требаше да гласаат 26,6 отсто.

Првиот круг на претседателските избори се одржа на 22 декември, а резултатот покажа дека и анкетите не биле сосема точни. Милановиќ со освоени 562.779 гласови или 29,55 отсто, беше победник на првиот круг. Во вториот круг во трката за претседателското столче влезе и Грабар-Кираровиќ со освоени 507.626 гласови или 26,55 проценти. Трет беше пеачот Мирослав Шкоро. Интересно е што во гласањето на дијаспората убедливо победи Грабар-Китаровиќ, со освоени 53,43 отсто од избирачите. Ова, според познавачите, и не е изненадување, имајќи предвид дека таа во својата камшпања им посвети доволно време на Хрватите кои не живеат во Хрватска. Таа беше единствениот кандидат која ја посети Босна и Херцеговина и се сретна со дел од локални Хрвати.

Според податоците на Хрватската државна изборна комисија, во БИХ за гласање на изборите беа пријавени над 92.000 Хрвати, секако сконцентрирани во Херцеговина.

Веднаш после првиот круг претседателски избори и освениот најголем број гласови, Милановиќ изјави дека резултатот за него е очекуван и дека се надева на уште повеќе гласови во вториот круг и конечно победа на изборите. Овој негов резултат според аналитичарите е враќање на „голема врата” на политичката сцена, по неговите два последоватилни изборни порази во 2015 и 2016 година. Задоволна од резултатот беше и Грабар-Китаровиќ, која исто така најави дека верува во сигурна победа во вториот круг, закажан за 5 јануари. Дел од аналитичарите сметаат дека „политичките математики” одат токму во нејзин прилог, Причина – има голема шанса на нејзино конто да се „прелеат” гласовите од Мирослав Шкоро, а тие воошто не се малку.

Според ова Хрватска во 2020 ќе треба да ги заврши работите кои ги започна оваа година. Време за многу подготовки веќе нема. Граѓанското изјаснување е за неколку дена, новиот претседател ќе биде избран, а потоа цела енергија државата ќе треба да го насочи кон што поуспешно претседателство со Европската Унија.

Треба да знаете
Последни објави