ССМ и МТСП: Социјалниот дијалог функционира, се носат мерки во интерес на работниците и граѓаните

 Сојузот на синдикати на Македонија и Министертвото за труд и социјална политика денеска реагираа на оценката на претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски дека оваа година има назадување во делот на работничките права и дека во нашата држава не функционира социјалниот дијалог.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека има социјален дијалог и оти се носат мерки во интерес на вработените и граѓаните.

– Резултати од тој социјален дијалог што ССМ и работниците ги препознаваат се: зголемувањето на минималната плата на 14.500 денари, мерките за субвенционирање на придонесите за растот на плати, младинскиот додаток од 3.000 денари, како и потпишување на колективни договори со кои што драстично се зголемија платите на вработените во градинките, социјалната заштита, образованието, здравството, културата, се вели во реакцијата на ССМ на денешната изјава на Ралповски.

Министертвото за труд и социјална политика соопшти дека најодговорно тврди оти е во напредна фаза на изготување на целосно нов Закон за работни односи. Од таму велат дека во овој процес пред да се отворат јавни дебати за предложениот текст за законот се одржале консултативни состаноци со сите засегнати страни коишто ги дале своите коментари и сугестии за законот.

– Покрај тоа како резултат на социјалниот дијалог, се донесоа повеќе законски прописи и стратешки документи во интерес на подобрување на економската и социјалната положба на вработените и граѓаните, се вели во реакцијата на МТСП.

Треба да знаете
Последни објави