Обединети за Македонија е за една изборна единица и за отворени листи

На јавната расправа во Собранието на Република Северна Македонија по  Предлог законот за изменување на Изборниот законик и Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик (Седница бр. 99 на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците), Ѓорѓи
Станковски од Обединети за Македонија имаше свое излагање:

„Од името на Обединети за Македонија прво сакам да се заблагодарам на поканата и ние вонпарламентарните партии да го кажеме својот став. Обединети за Македонија се залага за една изборна единица, а на локални избори да се оди со отворени листи.

Со отворени листи на локални избори ќе се одберат луѓето кои имаат квалитет, а не се ставени на листа по т.н. „партиска заслуга” и да влезат поради тоа што биле погоре на листите.
Во врска со една изборна единица, со тоа ќе се демократизира македонската држава и нема да е во заложништво на поголемите политички партии. Со една изборна единица нема пропаѓање и одење во ветар на илјадници гласови на граѓаните. Не е демократски партии со ист број на
гласови – една да има претставници во парламентот – а другата не.
Затоа, една изборна единица ќе ги претставува реалните претставници на парламентот, избрани по бројот на гласови, а тоа значи дека ќе постои поголема разноликост на ставови во Собранието на РС Македонија.

Најважно-ќе постои поголемо придружување кон предизборните програми на партиите. Со коалицирање на условно кажано помалите партии со поголемите, кои поради многу помалку средства немаат простор од богатите партии да ја претстават својата програмска платформа, се губи делумно или целосно поголемиот дел од програмата.

На крај, би сакал да потенцирам кон другите партии што се загрижени за етничката застапеност – интеретнички поделени губиме сите!

Обединети за Македонија, како десна партија се залага за еднакви можности за сите. Тоа значи дека сите сме граѓани на македонската држава, без разлика на вера, националност и пол. Овој став ни е земен од Уставот на историското ВМРО, кое е основа на вековната борба за
ослободување на целиот македонски народ.

Затоа, ние повеќе гледаме да има потреба од пратеници кои се избрани по личен квалитет и квалитет на изборната програма, без разлика од која етничка определба се. Тоа ќе ги стимулира сите партии, ако сакаат да добијат повеќе гласови, да кандидираат луѓе од секој регион и
позадина, но пред се, врз база на квалитет и партиска изборна програма.

Тоа ќе доведе до зацврстување на единството на сите граѓани на македонската држава и чувството на припадност кон неа, без етничка сегрегација и етнички национализам.
Затоа, се надевам дека актуелните парламентарни партии, од патриотски дух и искрена желба за подобро утре, ќе ги тргнат партиските интереси и ќе го поминат законот за една изборна единица, во интерес на единството и иднината на Македонија, но и со тоа да го докажеме нашето единство и мултикултурно општество, како и чувството на припадност кон државата”.

Треба да знаете
Последни објави