Транспарентноста и отчетноста се фундаменталните принципи врз коишто се темели нашето работење – тие и го гарантираат зачувувањето на довербата и интегритетот на Народната банка. А довербата на јавноста во нас и во нашиот капацитет да испорачаме макроекономската и финансиската стабилност е sine qua non на нашиот успех. Ова беше истакнато на почетокот на годинешното издание на Работилницата за новинари во организација на Народната банка, коешто се одржа вчера.
Со свое поздравно обраќање, настанот го отвори гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. „За современите централни банки, веќе не важи правилото дека „добро би било” да се има, туку правило дека „мора” да се има добра, отворена комуникација со јавноста.” – порача таа.
Работилницата беше фокусирана на централнобанкарската статистика. Преку конкретни примери за генерирање статистички податоци беше презентиран статистичкиот веб-портал „НБСтат”, којшто Народната банка го пушти во употреба неодамна. Во вториот програмски дел на настанот, внимание беше посветено на новите податоци за платежните трансакции извршени со платежни картички, додека во завршната дискусија се говореше и за податоците за странски директни инвестиции. Потем се дискутираше и за практиките на Народната банка во комуникацијата со јавноста, при што дел од учесниците ги изнесоа своите видувања, оцени и препораки.
На Работилницата учествуваа над триесет новинари од економските редакции.
Народната банка и натаму ќе биде посветена на унапредување на својата транспарентност и на комуникацијата со јавноста. Во Програмата за работа за 2020 година е предвиден и проект за натамошно унапредување на достапноста и разбирањето на соопштенијата, информациите, податоците и анализите.