Компанијата за производство на ретровизори и огледала за автомобилската индустрија, „Магна” ја потврди својата инвестиција и таа ќе биде предмет на одлука во следниот период, информира денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања во заминување Кочо Анѓушев.
„Магна” моментно регистрира фирма во државава, а останатите детали за инвестицијата ќе бидат соопштени дополнително.
Анѓушев и премиерот Зоран Заев на прес-конференција најавија и дека американската компанија од автромобилската индустрија „Дура Аутомтив Системс” ќе отвори две нови фабрики во ТИРЗ Скопје, каде веќе има пробно производство на својот прв капацитет.
Како што наведе премиерот, за 2,5 години Владата договорила 24 нови странски инвестиции во нашата земја. – Ако сега вкупно имаме само во индустриските зони 34 компании, разликата во полза на оваа Влада за активностите на овој план е сосема очигледна. Во досегашниот мандат на оваа Влада 13 фабрики се веќе пуштени во работа. Тоа се речиси двојно поголеми резултати во споредба со истите периоди 2013 до 2015 или периодот од 2015 до 2017, рече Заев.
Тие резултати, истакна, се само дел од големата успешна приказна во која за само 2,5 години граѓаните почнаа да ги чувствуваат придобивките заради добрите и одговорни економски политики преку зголемените плати, преку намалените трошоци, преку мерките за поврат на средствата и преку помошта која ја обезбедивме за ранливите. – Невработеноста во третиот квартал за 2019 година, како што кажавме, е веќе на 17,1 процент. Само во овој период отворени се 5.263 работни места и во моментов има 799.546 вработени. Во споредба со вториот квартал во 2017 година кога е формирана Владата невработеноста е намалена за 5,5 процентни поени. Само за девет квартали отворени се без малку 60.000 нови работни места или точно 59.564 нови работни места, посочи премиерот.