Македонската ракометна репрезентација ја совлада Романија со 20-24 (12-10) и го освои првото место на „Трофеј Карпати”.
Селекцијата на Данило Брестовац одигра одлично второ полувреме, во кое на голот блесна голманот Никола Митревски и го ограничија противникот на едвај осум голови. Тој на крајот заврши со 16 одбрани, додека најефикасен беше Марио Танкоски со осум гола.
Танкоски беше избран и за најкорисниот играч на турнирот, додека Митревски беше прогласен за најдобар голман.
„Црвено-жолтите” на овој турнир настапуваа без главните носители на играта поради клупските обврски.
Првата фаза од подготовките ја завршија со три победи и еден пораз.
Втората фаза од подготовките, пред Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, ќе стартува од 2 јануари, кога се очекува да се приклучат и Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Филип Талески…