Атанасов: Средствата од ИПАРД програмата во земјоделството се реализирани со 99%

Средствата за национална поддршка во земјоделството и руралниот развој од ИПАРД програмата за годинава се релаизирани со учинок од 99%, рече на прес-конференција претседателот на Комисијата за земјоделие на СДСМ, Зоран Атанасов.

„Ова е историска година во која државата за прв пат не плаќа пенали за неискористување на овие европски средства. Преку ИПАРД 2 програмата досега се склучени 1.441 договори со вкупна вредност од 32,2 милиони евра“, истакна тој.

Додаде дека преку јавен повик објавен вчера, на граѓаните за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, на располагање веќе им се ставени нови 13,3 милиони евра.

„Со овој повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестират во опрема и отварање на преработувачки капацитети. Преку осовременување на постоечките и отварање на нови производствени капацитети ќе се зголеми производството, пласманот на домашните преработки и девизен прилив од извозот на домашните производи“, посочи претседателот на Комисијата за земјоделие на СДСМ.

Атанасов кажа дека финансиските средства се доделуваат како неповратна поддршка со кофинансирање.

„Притоа 75% од средствата се обезбедени од ИПАРД 2014-2020, а 25% од Буџетот на државата. СДСМ уште еднаш потврдува дека во фокусот е развојот и унапредувањето на преработувачките капацитети во агро секторот“, нагласи тој.

Треба да знаете
Последни објави