Една коала, прогонувана од пожарите во Австралија, ги сопре велосипедистите кои возеа кон југот на земјата и се напи вода од нивните шишиња.
Според велосипедистите, коалата одела на средина на патот, поради што тие запреле за да ја тргнат од патеката и и дале да пие вода, пренесува британскиот портал „Метро“.
„Застанав, а таа одеше директно кон мене и се качи на велосипедот кога и дадов вода да се напие. Никој од нас не видел нешто слично“, вели еден од велосипедистите.
Австралија моментално се соочува со високи температури, во просек од околу 40 степени, а кон жештините придонесуваат и шумските пожари, кои уништија околу 30 проценти од живеалиштата на коалите и во кои настрадаа илјадници животни.
Пред избувнувањето на пожарите, се проценуваше дека во земјата живеат околу 28 000 коали, но нивниот број драстично опадна. Невладините организации ја обвинија државата дека не презема ништо за да ги спаси.