Нашите вооружени сили се подготвени и моќни за спречување, додека, пак, вратата за дијалог со соседите од мене ќе биде секогаш отворена, вели претседателот на Владата на Грција, Кирјакос Мицотакис во интервју за „То Вима”, говорејќи за односите со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер порачува дека „Грција не бара ништо, но и не отстапува ништо и не провоцира, туку разговара”, а паралелно истакнува дека негова намера е со Турција да се разговара на сите три нивоа: мерките за градење доверба, прелиминарни контакти и политички дијалог.
– Кога се сретнав со Ердоган, се стремев кон добрососедски односи, пријателство и дијалог со Турција. И инсистирам на овој пристап. Но, ова не значи дека Грција нема да ги брани нејзините суверени права со сите средства што ѝ стојат на располагање, активирајќи силен сплет на дипломатски иницијативи за успешно да се справи со последните потези на турската страна, кои се нелегални и вон меѓународната законитост и здравиот разум. Турција е исклучително изолирана во нејзините неодамнешни одлуки, вели Мицотакис и истакнува дека наспроти позицијата на Турција, ставовите на Грција наидуваат на поддршка од САД, Европа, Русија, Египет, Израел и сл.
Грчкиот премиер додава дека Грција, истовремено ја зајакнува и нејзината моќ за спречување преку неодамнешниот договор за авионите Ф-16 и Мираж.
Во однос на претстојната средба со американскиот претседател Доналд Трамп на 7 јануари 2020 во Белата куќа, Мицотакис вели дека Грција и САД се поблиску од било кога досега.
– Грција е кредибилен сојузник на Америка и очекувам ова да се потврди, не само на зборови туку и во пракса. Можеме уште повеќе да ја продлабочиме нашата одбранбена соработка, на пример во областа на дроновите. А исто така ќе започнеме разговор за да се снабдиме со авиони Ф-35, со тек на времето и кога тоа ќе го дозволат финансиските околности, вели Мицотакис и истакнува дека е особено важна и историска разврска на американската поддршка за гасоводот EastMed.
Грчкиот премиер во опширното интервју за денешното издание на весникот „То Вима”, говори на различни теми, поврзани со внатрешната и надворешната политика на Грција, а во врска со економијата истакнува дека за него, „2020 е година што ќе го означи конечниот крај на кризата и почетокот на деценија на континуиран напредок “.