Во изминатите пет години бројот на поднесени барања од доктори на медицина за издавање на потврди за странство изнесува 794 и тоа по години – во 2015 година – 171, во 2016 година -162, во 2017 година -120, во 2018 година 178 и до декември 2019 година -163, објави Лекарската комора на Република Северна Македонија.
Од таму велат дека не располагаат со прецизен податок за бројот на доктори кои заминале да живеат и работат во странство.
„Согласно своите надлежности, Комората им издава потврда на докторите дека се членови на Комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора. Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти како и на оние кои заминуваат да живеат и работат надвор од Република Северна Македонија“, се вели во соопштенито.
Во изминатите пет години во Комората стручен испит положиле 1.820 доктори на медицина од кои во 2019 година – 398 доктори.
Од вкупниот број на доктори кои оваа година го положиле стручниот испит, 60% од нив се изјасниле дека своето вработување ќе го бараат во Македонија. Само во последната испитна сесија од 171 доктор на медицина, 100 доктори се изјаснале дека своето вработување ќе го бараат во Македонија.
Според евиденцијата во Комората и податоците кои се дадени од докторите на медицина кои по полагањето на стручниот испит се стекнале со лиценца за работа во 2018 година 136 доктори се вработиле во здравствени установи низ републиката, а во 2019 година до месец ноември нивниот број изнесува 98 доктори.