Зголемен степенот на заштита на амбасадите на Црна Гора во Белград и Љубљана

Црногорското Министерство за надворешни работи денеска го зголеми степенот на заштита на своите амбасади во Белград и Љубљана по судирите што беа предизвикани поради новиот Закон за слобода на вероисповедта што Српската православна црква го смета за грабање на нејзиниот имот.

Откако црногорскиот Парламент го прифати законот за слобода на вероисповедта, пред црногорската Амбасада во Србија на 27 декември се оддржа протест на кој собраните се обидоа со помош на пиротехника да го запалат црногорското знаме, а на 28 декември беше украдена таблата на Амбасадата во Љубљана на која пишуваше „Амбасада на Црна Гора во Република Словенија”.

-По повод овие случувања во тек е редовна комуникација со надлежните органи на Република Србија и Република Словенија. Согласно релевантните проценки на безбедносните служби, степенот на заштита на објектите на амбасадите е кренат на повисок степен, соопшти црногорското МНР.

Оттаму наведуваат дека по инцидентот дипломатскиот персонал во амбасадите ја информирал полицијата која извела увид и ги засилила мерките за безбедност на амбасадите во Белград и Љубљана.

„МНР најостро ги осудува вандалските истапи сторени на 27,28 и 29 декември пред просториите на амбасадите на Црна Гора во Република Србија и Република Словенија, како и на Генералниот конзулат во Сремски Карловци. Најостро ги осудуваме и обидите на за палење на црногорското знаме како непримерен чин и обид за осквернавување на државните симболи на соседна и пријателска држава”, соопшти црногорското МНР.

Протестот пред црногорската Амбасада во Белград го организираа студентите од Правниот факултет на Универзитетот во Белград, а поддршка добија од нивните колеги од Бања Лука. Снимките покажуваат дека со употреба на пиротехнички средства тие се обиделе да го запалат црногорското знаме.

Српските власти тогаш побараа одржување седница на Советот за безбедност на ОН заради усвојувањето на законот во Црна Гора, како и амбасадорот на Црна Гора во Србија Тарзан Милошевиќ да се прогласи за персона нон грата.

Црногорското собрание во петокот го усвои Законот за слобода на вероисповедта што предвидува на државата да и се вратат верските објекти и земјата кои верските заедници ги користат на територијата на Црна Гора, а за кои ќе се утврди дека биле изградени од државни средства или биле во нејзина сопственост до 1 декември 2018 година.

На усвојувањето на законот му претходеше инцидент во парламентот во кој пратениците на опозицискиот Демократски фронт со пиротехнички средства, како и со напад врз претседателот на собранието, Иван Брајовиќ, се обидоа да го спречат гласањето, по што сите беа уапсени, а тројца од нив и задржани во притвор.

Српската православна црква смета дека законот е параван за одземање на нејзините цркви и манастири во Црна Гора.

Законот е подржан од Црногорската православна црква која смета дека со него ќе им биде вратен имотот што незаконски и бил препишан на Српската православна црква во Црна Гора, а која во оваа земја поседува 66 главно средновековни манастири, десетина цркви и други недвижности, пренесе Хина.

Треба да знаете
Последни објави