Од Градската општа болница „8 Септември” информираат дека во просторијата во која избувнал пожарот не е уништен ниту еден важечки документ кој согласно прописите мора да биде архивиран и да се чува.
– Во врска со вчерашниот инцидент – пожар во просторија со архивски материјал, ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември – Скопје, ја известува јавноста дека во спонатата просторија беа сместени документи стари неколку децении и кои веќе беа предмет на постапка на архивско уништување. Во пожарот не е уништен ниту еден документ кој по важечките прописи мора да е архивиран и да се чува со законски предвиден рок, се наведува во соопштението од болницата.
Пожарот избувна синоќа во канцеларија каде се чувал архивски материјал. Од Министерството за здравство информираа дека нема повредени лица, само е причинета материјална штета. Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје интервенирала со две возила и пет пожарникари.