Брзите возачи сеат смрт по македонските патишта, а од дивјачкото возење не се поштедени ниту полицискитe службеници. Годинава тројца полицајци загинаа на работното место, а уште тројца нивни колеги беа повредени.
Сите надвор од службените возила, додека се грижеле за безбедноста на другите учесници во сообраќајот.
МВР денеска поднесе кривична пријава против Ш.Р.(31) од село Грешница, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот”. Тој завчера предизвика сообраќајка во која загина полицаец, а негов колега беше повреден.
Според првичните сознанија од увидот, до несреќата дошло кога Ш.Р. со автомобил „форд фокус“,
на автопатот А2 Тетово-Гостивар стигнал на околу 500 метри од местото викано Тумчевишка клучка. Таму полициски службеници ги пренасочувале возилата во десната сообраќајна лента поради претходно настаната сообраќајна несреќа во која имало три тешко повредени лица. Тогаш Ш.Р. почнал да ги заобиколува возилата кои се движеле бавно и преминал во левата брза сообраќајна лента. Во тој момент изгубил контрола врз возилото, па удрил во бетонската ограда која го дели автопатот и во двајца полициски службеници. Од ударот, еден од полициските службеници бил исфрлен на спротивната страна од автопатот наменета за движење кон Тетово каде на него налетал автомобил „фолксваген голф“. Како резултат на повредите здобиени во несреќата, полицаецот починал. Вториот полициски службеник, пак се здобил со фрактура на раката и повреди на грбот и е задржан на лекување, додека со телесни повреди се здобиле и возачот и патниците во„голфот“ кои се пуштени на домашно лекување.
На 21 јуни годинава на на обиколницата “Мајка Тереза“, кај клучка Приштина во правец од Тетово кон Радишани се случи уште една страотна сообраќајка во која загинаа две лица, а двајца беа повредени.
Камион „МАН“ со скопски регистарски таблички управуван од Д.Н.(37) од Куманово кога дошол пред надвозникот Визбегово, не се движел по средината на сообраќајна лента и не ја приспособил брзината на условите на патот и на густината на сообраќајот. Од тие причини не можел навреме да го запре камионот и удрил во задниот лев дел на автомобил „БМВ 535“ со гостиварски регистарски ознаки, кој бил запрен во десната сообраќајна лента заради контрола од страна на мобилна сообраќајна полициска екипа. Од силата на ударот, „БМВ-то“ се придвижило нанапред и удрило во паркираниот полициски автомобил „Шкода Јети“ и во метална одбојна ограда покрај патот. Автомобилот по ударот се запалил, а совозачот починал на самото место. „Шкодата“ исто така се придвижил нанапред и удрило во возачот на „БМВ“ кој стоел со двајцата полицајци. Сите тројца биле пренесени во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Еден од полициските службеници подоцна им подлегнал на повредите.
Вистинска трагедија се случи на 21 април во Куманово, кога 40 годишниот кумановец С.Ј. со „мерцедес“ покоси двајца полициски служеници, по што избегал и удрил во друг автомобил при што настрадаа уште тројца.
Четриесет и пет минути по полноќ на регионалниот пат Куманово-Свети Николе во близина на крстосницата со населба Ајдучка Чешма „мерцедесот” удрил во полицаецот В.Ц.(37) и во 25-годишниот А.М., кандидат за полициски службеник, кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза” во Скопје. Возачот на „мерцедесот” избегал, по што во близина на хотел „Сателит” удрил во „шкода”, повредувајќи тројца патници во автомобилот.