Слика на Пабло Пикасо, чија вредност се проценува на 20 милиони фунти, е оштетена при вандалски чин во лондонската галерија „Тејт модерн“, а осомниченото момче е обвинето за кривично дело нанесување материјална штета.
Галеријата ја повлече сликата од 1944 година од изложбата додека не се утврди штетата, а според некои извештаи, платното е скинато.
Вандалскиот чин се одиграл во саботата, а осомничениот 20-годишен Шекил Маси вели дека ќе ги негира наводите во обвинението.
Тој е задржан во притвор до сослушувањето пред судењето закажано за 30 јануари.
Од „Тејт“ изјавија дека делото што ја прикажува љубовницата на Пикасо, Дора Мар, е создадено во мај 1944 година во Париз во последните месеци од нацистичката окупација.