Членовите на Судскиот совет на затворена седница, по два и пол часа расправа одлучија да му го одземат имунитетот на нивниот колега Зоран Теофиловски.
„Судскиот совет на Република Северна Македонија известува дека на 329-та седница одржана на ден 31.12.2019 година, одлучи за следното:
– Донесе Решение со кое го одзеде имунитет на член на Советот заради непречено водење на кривичната постапка
– Донесе Решение со кое не го одобри барањето за определување на мерка притвор за член на Советот, поднесено од страна на судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје.“
Теофиловски, по кого МВР трагаше цел ден, утрово сам се појави во судот и се повика на имунитетот. За него вчера беше побаран притвор од Обвинителството за организиран криминал и корупција. Судијата е првоосомничен во истражна постапка против осум лица, межу кои и вработени во Секторот за урбанизам во општина Тетово. За нив постои основано сомнение дека сториле кривично дело-Злоупотреба на службена положба и овластување предвидено и казниво по член 353 став 5 од Кривичниот законик така што незаконски легализирале земјиште за поранешното Тениско спортско Здружение Љуботен Тетово. На тој начин го оштетиле буџетот за 860.000 евра.