Светот ја поздравува Новата 2020: во Јапонија бијат ѕвона во будистичките храмови, раскошни концерти во Кина

Новата 2020 година веќе ја дочекаа жителите на Јапонија, Кина и Северна Кореја.

Во Јапонија граѓаните си посакаа просперитетна година, а во согласност со традицијата, биеја ѕвоната во будистичките храмови.

Во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, доаѓањето на Новата година беше поздравено со голем огномет, објави „Ројтерс“.

Во Кина луѓето излегоа на улиците со многу радост и веселба, а во Пекинг беше одржан раскошен музички концерт, со многу актери и танчари облечени во традиционални шарени костуми.

Во Австралија 2020 беше дочекана со традиционален спектакуларен огномет на сиднејското пристаниште и покрај пожарите што беснеат и принудија илјадници луѓе засолниште да побараат на локалните плажи, а многу градови ги откажаа прославите.

Повеќе од милион луѓе се собраа на пристаништето во Сиднеј и околните места за да уживаат во блескавото вечерно небо, кое трепереше во разни бои над познатата зграда на сиднејската опера.

Властите во Хонгконг се откажаа од традиционалниот новогодишен огномет на пристаништето Викторија плашејќи се од нереди поради најавените протести.

Новата година најпрвин пристигна на островот Самоа и на Kирибати во Тихиот Океан.

Треба да знаете
Последни објави