Челзи се обиделе да откријат дали напаѓачот на РБ (Лајпциг) Тимо Вернер има откупна клаузула во договорот со клубот, која што би можела да се активира во јануари, пренесува англиски „Телеграф”. 23-годишниот играч неодамна повторно потпиша со својот тим, но сè уште не е познато дали има слична опција во договорот.
Не е познато колку може таа да биде голема, а според различни информации, евентуалната клаузула се движи помеѓу 30 и 60 милиони евра. Сепак, Лајпциг не сакаат да го продадат својот топ стрелец, кој за време на оваа кампања има постигнато 23 гола на 24 натпревари на сите турнири. За „Биковите” претстои важна пролет, бидејќи се лидери во Бундеслигата, а исто така ги очекува и осминафинален судир во Лигата на шампионите против Тотенхем.
Челзи следи други играчи за засилување на нападот – Муса Дембеле, Џејден Санчо, Вилфред Заха, Леон Бејли и Самуел Чуквавезе, додава весникот.
Кога преговараат за еден од нив, „сините” можат да ги користат Оливие Жиру или Миша Батшуаи како дел од потенцијалниот договор. Тимот размислува и за засилување во одбраната, со можност да го врати Нејтан Аке од Борнемут за 40 милиони евра, додава изданието.