Оклахома ги израдува своите навивачи со победата над Далас од 106:101, во мечот кој официјално беше последен во НБА лигата за 2019 година. Далас беше без Кристапс Порзингис и Тим Хардавеј, а кај Оклахома се врати Данило Галинари кој впрочем со 20 поени беше најефикасен кај победничкиот тим.
Далас може да жали што не победи, бидејќи гостите во поголемиот дел од мечот беа во водство. На 2,42 минути до крајот Далас водеше со 99:92, а Маверикс имаше предност и од 101:98, на 82 секунди до крајот. Сепак, кога беше најпотребно, кај Оклахома се разигра Крис Пол. Во моментите кога Оклахома ја достигнуваше предноста на гстите, Пол даде 13 од последните 14 поени, па домаќините поведоа со 102:101 на 40 секунди до крајот.
Кај гостите најпрецизен беше Лука Дончиќ со 35 поени, но Словенецот ги промаши сите шутеви во завршницата. Дончиќ прво направи „бунар“ при водство на Далас од 101:100, потоа загуби една топка, а во последниот напад за гостите два пати промаши удар за три поени за потенцијално израмнување на неколку секунди до крајот при водство на противникиот од 104:101.
Сакраменто Кингс го доживеаа осмиот пораз по ред во НБА лигата откако изгубија од Л.А. Клиперс со 87:105. Клиперс беа фаворити и пред мечот но никој не очекуваше дека толку лесно ќе победат. Тие ги искористија сите слабости на Кингс и само ја продлабочија нивната криза која трае подолго време.
Во поразената екипа најдобри беа Рич Холмс со 22 поени и 10 скокови, односно Бади Хилд со 20 поени. Кај Клиперс најефикасен беше Кавај Ленард со 24 поени и седум асистенции.
А кошаркарите на Денвер претрпеа убедлив пораз на гостувањето кај Хјустон со резултат 130:104. На Нагетс не можеше да им помогне ни расположениот Никола Јокиќ кој беше најефикасен во својата екипа со 21 поен, со осум скокови и четири асистенции. Останатите играчи беа под нивото и резултатот е пораз.
Во победничкиот тим очекувано најефикасни беа Џејмс Харден со 35, односно Расел Вестбрук со 28 поени.



