Русија ќе отвори берза за санкционираните компании

Компаниите кои се цел на западните санкции ќе имаат можност да ги понудат своите обврзници, бидејќи Русија планира годинава да создаде специјална берза за да ги зајакне своите национални пазари на капитал, пренесува РТ.

Отворањето првично беше закажано за декември, но потоа беше одложено за јануари, информира рускиот заменик-министер за финансии, Алексеј Мојсеев. Најмалку две компании веќе објавија дека би сакале да тргуваат на берзата, рече Мојсеев без да даде детали.

Претходно беше објавено дека платформата ќе биде заснована на берзата во Санкт Петербург и ќе биде поддржана од руските банки, веројатно од  „Промсвјазбанк“ и Руската национална трговска банка (РНЦБ) со седиште во Крим.

Новосоздадената берза за санкционирани компании нема да работи на ист начин како класичната берза, смета Антон Бахтин, стратег за инвестиции во „Премиер БЦС“. Во интервју за РТ, аналитичарот објасни дека платформата е поставена да работи само во зоната на рубљата, привлекувајќи ги оние кои сакаат да инвестираат во фирмите преку специјално создадена инфраструктура и помагајќи им на компаниите да добијат дополнително финансирање.

„Тоа не е тип на платформа што веројатно ќе привлече нови инвеститори, но има инвеститори веќе заинтересирани за тие компании и тие добиваат нов финансиски инструмент“, рече тој.

Бахтин додаде дека компаниите може да издадат акции за одредени поддржувачи, додека странските инвеститори најверојатно ќе избегнат да учествуваат во тоа поради западните санкции.

Треба да знаете
Последни објави