Судот нема да одлучува за обвинувањата против Нетанјаху пред изборите во март

Врховниот суд на Израел денеска одби да одлучува за тоа дали премиерот Бенјамин Нетанјаху може да се врати на функцијата сега кога против него е покренато обвинение, одложувајќи било каква пресуда за неговата политичка иднина се до изборите во март.

Тричлениот судски совет соопшти дека прашањето дали обвинет член на парламентот може да формира влада е многу важно, но дека би било прерано за тоа да се одлучува пред гласањето на изборите, пренесоа американските медиуми.

Се очекуваше судот да ја одложи пресудата, бидејќи нејзиното изрекување ќе ја продлабочеше политичката криза и ќе ги влошеше и онака затегнатите врски меѓу владата и правосудството, наведуваат американските медиуми.

Нетанјаху во ноември беше обвинет за примање поткуп, измама и кршење на довербата.

Членовите на израелскиот кабинет мораат да поднесат оставка доколку против нив се покрене обвинение, но тоа правило не се однесува на премиерот. Тој и натаму ја извршува функцијата откако не успеа да формира влада по минатогодишните избори.

Нетанјаху овие коруптивни случаи против него ги отфрли и оцени како „ обид за државен удар ” и предупреди дека нема да прифати било каква судска интервенција бидејќи „само граѓаните можат да ги изберат лидерите на државата”.

Засега нема никакви ограничувања Нетанјаху да се кандидира за изборите закажани за 2 март, што ќе бидат трети за помалку од една година.

Тој се надева дека ќе победи на изборите во март и дека ќе обезбеди мнозинсто од 61 пратеник кои ќе го поддржат неговиот имунитет. Анкетите, меѓутоа, предвидуваат дека гласачите повторно ќе бидат поделени и дека со тоа политичката криза во земјата ќе се продлабочи.

Треба да знаете
Последни објави