Турција уапси четворица пилоти вмешани во бегството на Гон од Токио во Либан

Турските власти денеска задржаа седум лица, вклучувајќи и четворица пилоти, осомничени дека учествувале во прелетот на поранешниот претседател на советот на директори на „Рено Нисан”, Карлос Гон, од Јапонија во Либан, преку Истанбул, соопшти агенцијата „Блумберг”.

Уште тројца задржани претставници на приватни компании за карго и сервис на авиони даваат искази на полицијата, дознава агенцијата.

Карлос Гон бил транспортиран во Истанбул од Јапонија со бизнис-џет на подружница на турскиот холдинг „МНГ”, и префрлен во заклучен сандак во друг приватен авион кој пристигнал во Бејрут на 31 декември.

Повикувајќи се на неименуван турски чиновник, агенцијата дознава дека властите не знаеле дека во авионот е Карлос Гон. Според изворот, слетувањето на бизнис-џетот во Истанбул било принудно и се случило поради технички проблеми за кои известил пилотот.

Веднаш по пристигањето во Бејрут, Гон изјави дека бегството од куќниот притвор во Токио е поради „неправедниот судски систем на Јапонија” и политичката заднина на неговиот тамошен прогон.

Како што денеска јави „Волстрит журнал”, бегството на Гон од судењето во Јапонија било планирано со месеци под раководство на неговата сопруга. Либанските власти потврдија дека не знаеле за ова, и дека испратиле барање до Јапонија, Гон, кој поседува либанско државјанство, да им биде предаден.

Барањето било испратено седум дена пред филмското бегство на Гон, за што токиските безбедносни служби сега се ставени на тапет поради низата пропусти.

Претходно сметан за брилијатен менаџер, со успешни резултати, кој ја извлече „Нисан” од криза, топ менаџерот беше уапсен во ноември 2018 година по барање на токиското обвинителство поради основано сомненине за злоупотреба на службената положба, фалсификување финансиски извештаи за приходите и измама. Според истрагата, тој не пријавил најмалку половина од своите приходи од 2010 година или околу 89 милиони долари.

Обвинет е и за тоа што на сметка на компанијата покривал загуби од приватни инвестиции во висина од 1.85 милиони јени (околу 21 милион долари). Лани во април тој беше префрлен во куќен притвор, но Гон не признава дека е виновен.

Треба да знаете
Последни објави