Египет ја осуди одлуката за распоредување турска војска во Либија

Египет денеска остро го осуди изгласувањето во турскиот Парламент на дозволата за распоредување турска војска во Либија.

Египетското Министерство за надворешни работи во соопштение наведува дека распоредувањето турска војска „може негативно да влијае врз стабилноста на медитеранскиот регион” и ја повика меѓународната заедница под итно да одговори на овој потег на официјална Анкара, пренесоа британските медиуми.

-Турскиот Парламент денеска го одобри Законот за испраќање турски сили во Либија, изјави претседателот на парламентот Мустафа Сентоп.

Според него, законот е усвоен со 325 гласа „за” и 184 „против”.

Пратениците ја одобрија иницијативата која за цел има Турција да и помогне на меѓународното признатата владата од Триполи во борбата со силите на генералот Калиф Хафтер, кои веќе неколку месеци спроведуваат офанзива за освојување на либиската престолнина.

Вонредната седница на турскиот Парламент за предлогот беше свикана и покрај загриженоста на јавноста дека едногодишното разместување на турските сили во Либија може дополнително да го влоши конфликтот и да ја загрози стабилноста во регионот, пренесоа американските медиуми.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган минатиот месец изјави дека претседателот на меѓународно признатата влада на Либија, Фајез Сарај, му побарал помош од турски сили, по потпишувањето на договорот со кој на Анкара и се дозволува да распореди воени експерти и персонал во оваа земја.

Спогодбата, како и таа за морските граници меѓу двете земји, предизвика бес во регионот и пошироко.

Борбите меѓу меѓународно признатата влада и силите на генералот Хафтер, кој владее со истокот на земјата, почнаа по соборувањето на долгодишниот либиски претседател полковникот Моамер ел Гадафи.

Треба да знаете
Последни објави