Министерството за надворешни работи (МНР) на Косово ги поддржа денешните напади на американските воздушни сили на аеродромот во близина на главниот град на Ирак, Багдад, во кои беа убиени генералот Касем Сулејмани, една од најзначајните личности во државниот врв на Иран и командантот на ирачките шиитски милиции, Абу Махди ал-Мухандис, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението што попладнево го објави косовското МНР се осудуваат последните напади врз Амбасадата на САД во Багдад и сојузничките сили во близина на Киркут, кои беа повод за американскиот напад, и се бара од ирачките власти „да им ја обезбедат потребната сигурност на дипломатските мисии во Ирак, како што е предвидено со Виенската конвенција за дипломатски односи”.
Вршителот на должноста шеф на косовската дипломатија Беет Пацоли, според соопштението, ја осудува вмешаноста на оружени групи на терористичката организација Китаб Хезболах во нападите врз Амбасадата на САД во Багдад и повика таа „да се смета за одговорна за насилството и терористичките напади врз цивилите и мировните сили”.
– Република Косово останува доверлива членка на Глобалната алијанса против ИД (Исламската држава) и ќе продолжи да биде решителна во исполнувањето на своите обврски, докажувајќи ја посветеноста на нејзините институции на бескомпромисната борба против насилниот екстремизам и тероризмот, се вели во соопштението на косовското МНР.