Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо воопшто не е оптимист за состојбата на напаѓачот Хари Кејн, велејќи дека очекува „лоши вести”. Англискиот репрезентативец се повреди при поразот на Спарси од Саутемптон.
– Сè уште не знам, можеби ќе имам информации подоцна. Сепак, ако ме прашате што мислам, тогаш имам чувство дека ќе добијам лоши вести. Кога го напушти теренот, тој дури и не се обиде да продолжи, да помисли, му требаа две секунди за да ја процени ситуацијата. Мислам дека ќе го изгубиме за некое време и речиси сум целосно убеден во тоа, но не можам да го предвидам и не сакам да плачам овде на секоја прес-конференција. Секој знае кој е, што е, што значи за клубот, неговите квалитети, секоја минута од секој натпревар што не ја игра, знаеме дека ќе ни недостасува, изјави Специјалниот.
Отсуството на Хари Кејн би можело да биде многу лоша вест за Тотенхем, откако екипата игра против Ливерпул во следното коло од Премиер лигата. Сепак, пред тоа Спарси ќе играат со Мидлзборо за ФА Купот.