Потпретседателката на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Вјоса Османи вели дека непостигнувањето договор за заедничка влада меѓу Движењето Самоопределување (ВВ) и ЛДК, како партии победнички на октомврските паарламентарни избори, би било „историска грешка за земјата”, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во интервју за порталот „Економиа онлајн”, носителката на листата на ЛДК и кандидатка за премиер на последните избори порача дека до крај ќе се залага за постигнување на тој договор меѓу двете досега опозициски партии.
– Не можам да зборувам за тоа кој ќе биде новиот став (на ЛДК), но сметам дека би било историска грешка за земјата доколку не се постигне договор со ВВ. Како носителка на листата на ЛДК и претставничка на гласачите имам задача да ја спроведам до крај граѓанската волја. И ќе се залагам до крај, изјави Османи.
Таа информира дека по конституирањето на новото Собрание на Косово на 26 декември немало нови средби меѓу лидерите на ВВ и ЛДК, Албин Курти и Иса Мустафа, ниту пак меѓу преговарачките групи на двете партии, но се надева дека тоа ќе се случи по седницата на раководството, која Мустафа ја свика за понеделник, 6 јануари.
– Немало средби. По понеделничкиот состанок, откако ќе ги утврдиме нашите ставови, тогаш ќе има нови средби и ќе видиме како ќе ги процесуираме. Не сакам да претпоставувам ништо, значајно е договорот да се постигне и нема да имам разбирање за било кого кој создава пречки во однос на спроведувањето на волјата на граѓаните, изјави Османи.