Лидерот на движењето „Самоопределување” и кандидат за премиер на Косово, Албин Курти гостувајќи во емисијата „360 степени” на тиранската телевизија Ора њуз изјави дека најлошо можно сценарио се нови избори.
-Сè што покажува и докажува е дека работите доцнат, но тие се во вистинската насока. Значи, нема промена на правецот, туку има доцнење. Значи, не постојат ниту други стратегии,ниту други начела, освен тактички прашања. Најлошото можно сценарио, во оваа ситуација, се нови избори, кои паѓаат на ист колосек, возот ќе тргне од почеток, рече Курти.
Се задржа и на дијалогот со Србите во Косово, при што нагласи дека доколку успеат да формираат влада, уште во првата недела, ќе започнат дијалог со косовските Срби.
Посочи дека тие можат да продолжат со дијалогот со Србија пред изборите во Србија, но додава дека не може да има договор „брзо, брзо”.
-Со Србија ќе може да го продолжиме дијалогот пред изборите во Србија, но не може да има историски договор брзо,брзо. 33-те договори што сега ги имаме со Србија треба да бидат разгледани, не во смисла на опсесија со минатото, туку за проценка на ситуацијата во која сме, за да извлечеме поука од минатото и да продолжиме безбедно во иднината,оценува тој.
Курти ја коментираше и иницијативата мини балкански шенген,велејќи дека „оваа иницијатива е погрешен чекор на албанскиот премиер Еди Рама”, потсетувајќи го при тоа на кошарката,со која се занимавал Рама.
Тој му порача дека кога се греши во чекори се губи и топката, која, како што вели, сега ја има српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иницијативата,смета Курти,требало да почне од Косово.