Владата на Република Северна Македонија на предлог на Министерството за труд и социјална политика на последната седница го усвои Предлог законот за спречување и заштита на насилство врз жените и семејното насилство. Целта на Законот е почитување на основните човекови слободи и права загарантирани со Уставот и ратификувани со меѓународни договори. Законот треба да обезбеди спроведување на принципот на еднаквост, елиминирање на стереотипите за родовите улоги, превенција на сите форми на родово-базирано насилство врз жените, семејното насилство и утврдување на мерките и активностите за заштита на жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство.
Предлог законот содржи превентивни мерки, како и мерки за заштита на жртвите од повеќе видови и форми на родово базирано насилство. Со него се уредува постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство, но и координацијата на институциите и организациите. Министерството за труд и социјална политика во изминатите две години презеде конкретни чекори во воспоставување на сеопфатен и ефикасен систем за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
Република Северна Македонија на 30 декември 2017 година ја ратификуваше Европската Конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство (Истанбулска конвенција) која стапи на сила на 1 јули 2018 година. За таа цел усвоен е Акциски план за имплементација на ова Конвенција и објавен е на страната на МТСП, во кој се предвидени конкретни активности и временска рамка за реализирање. Посебен фокус во имплементацијата на Акцискиот план е воспоставувањето на специјализираните сервиси за жртви на семејно насилство.
До крајот на 2019 година отворени се вкупно 12 специјализирани сервиси за жени жртви на насилство во 7 плански региони на територијата на Република Северна Македонија.
На следниот линк се контактите од центрите каде што може да се пријави семејно насилство: http://www.mtsp.gov.mk/ns_article-prijavi-semejno-nasisltvo.nspx