Индиското Министерство за здравство денеска испрати тим педијатри и други медицински професионалци во градот Кота, Западна Индија, каде што повеќе од 100 деца починале во државна болница во последниот месец.
Индискиот министер за здравство, Харш Вардан, изјави дека експертите ќе ги анализираат клиничките протоколи, услугата, достапноста на работна сила и опремата за нега на мајките, како и педијатриската нега во болницата „Кота Медикал“ во Раџастан, соопшти АП.
Владата на Раџастан соопшти дека нема никаква небрежност од страна на лекарите бидејќи повеќето починати деца кои биле упатени во болница во градот Кота се од оддалечени села, вклучително и новороденчињата кои биле со мала тежина, се родиле предвреме или добиле инфекции при раѓање.
Државниот министер, Ашок Гехлот на својот профил на „Твитер“ објави дека Министерството за здравство обезбедило најдобра опрема во болницата, која се наоѓа на 400 километри југо-западно од Њу Делхи.
Индиската новинска агенција „Прес Траст“ од Индија, меѓутоа, цитираше некои неименувани официјални претставници на Министерството за здравство дека повеќе од 70 проценти од клучните уреди, како пумпи за инфузија и грејачи и небулизатори не биле во работна состојба во болницата.
Агенцијата исто така соопшти дека има недостаток на лекари и персонал за поддршка на одделот за педијатрија.