– По две години разочарувања, Северна Македонија во 2020 очекува да го добие долго ветуваниот датум за преговори со Европската Унија, иако ни оваа година не е целосно исклучено повторно да се одложи одлуката.
Европската Унија, и земјите од регионот, 2020 ја дочекуваат со Хрватска како земја претседавач на ЕУ, чиј еден од главните приоритети ќе биде политиката на проширување кон Западниот Балкан. Слично како и во 2018 под бугарско претседателство, Загреб ќе организира самит помеѓу лидерите од регионот и од ЕУ во текот на мај. Но, одлуката за почеток на преговорите Северна Македонија ја очекува, идеално, на 20 март кога ќе се одржи првиот европски совет во новата година.
Како главен кочничар за почетокот на преговорите со Северна Македонија се појави Франција во октомври минатата година. За Париз, потребна е целосна ревизија на процесот на преговарање со земјите кандидати пред да се донесе каква било одлука на политичко ниво.
Во овој контекст, Европската комисија веќе работи на нова методологија, која треба да биде објавена во текот на овој месец, но никој во Брисел засега не открива детали за содржината на овој нов предлог, вклучително и за едно од најгорливите прашања: дали оваа нова методологија ќе се применува на земјите што веќе преговараат со ЕУ, Србија и Црна Гора. Прашање на кое ни самиот Париз нема одговор. Во меѓувреме, Србија на крајот на 2019 доби зелено светло за отворање ново поглавје.
Од Белград и Подгорица пристигнаа јасни сигнали дека двете земји немаат намера да се приклучат кон овој нов процес и сметаат дека не постои правна основа за такво нешто. Од друга страна, македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи во изјава за МИА при неговата последна посета на Брисел рече дека се работи на тоа процесот да стане доволно атрактивен и брз за Црна Гора и Србија доброволно да побараат да бидат приклучени. Потврда од Европската комисија за ова засега нема, и функционерите и дипломатите во Брисел велат дека ќе треба да се почека објавувањето на извештајот во текот на јануари.
Извесно е дека прашањето за проширувањето е крајно чувствително за европските престолнини и последната дебата во ЕУ во октомври обелодени нови длабоки поделби во самата Унија, кои Европската комисија има задача да ги намали преку предлагање задоволителен компромис. Компромис што потоа би требало да се најде на масата на лидерите на крајот на март.
Сепак, засега нема официјална потврда дека проширувањето ќе биде на дневен ред на пролетниот самит на ЕУ. Неофицијално, многумина се надеваат дека дотогаш францускиот претседател ќе биде во покомотна позиција за компромис бидејќи зад него ќе бидат локалните избори, на кои одблиску ќе се набљудува резултатот на екстремната десница, главен ривал на владејачката француска партија.
Другата значајна непозната во овој процес ќе биде одлуката на ЕУ за Албанија и можноста за одвојување на двете земји.
Официјалниот став на македонската влада, на Европската комисија и на мнозинството земји членки на ЕУ е дека Скопје и Тирана треба да добијат датум за преговори заедно и што е можно побрзо. Меѓутоа, мал број земји членки, меѓу нив најгласна е Холандија, ставија на знаење дека за нив е неприфатливо во овој момент да започнат пристапните преговори со Албанија.
Неколку слабости ја следат Албанија на нејзиниот пат кон ЕУ. Една од нив е конзистентно големиот број баратели на азил во европските земји, посебно во Франција, и покрај фактот што Албанија се смета за безбедна земја на која ѝ се укинати туристичките визи. Оттука, барањата за азил од оваа земја, како впрочем и од другите земји од регионот, се сметаат за неосновани, но го оптоваруваат административниот апарат во земјите членки на Унијата, кои истовремено треба да се справат со основани барања за азил од бегалци од воени жаришта. Албанија страда и од негативен имиџ во повеќе земји членки, имиџ засилен од фактот што редовно во земји како Белгија, Франција или Холандија се откриваат мафијашки мрежи во кои се инволвирани албански граѓани.
Францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференција со канцеларката Меркел пред октомврискиот самит потврди дека е проблематично да им „објасни на граѓаните” како ќе се отворат преговори со Албанија кога „има толку многу” барања за азил од оваа земја во Франција.
Интересно е дека, и покрај тоа, Макрон јасно и гласно порача на последниот НАТО-самит во Лондон дека цврсто се противи на одвојување на Албанија и Северна Македонија, повикувајќи се на можни етнички тензии во регионот.
Доколку проширувањето официјално биде ставено на дневен ред на мартовскиот самит на ЕУ, главни прашања ќе бидат дали Северна Македонија ќе добие зелено светло за преговори, дали ќе биде одвоена од Албанија, но и како ќе изгледаат тие преговори според мистериозната „нова методологија”.
Ако одлуката не биде донесена во март, следен термин за Северна Македонија да добие официјално отворање на преговорите потоа ќе биде јуни. Дотогаш ќе се одржи и загрепскиот самит ЕУ – Западен Балкан, кој би требало да донесе повеќе детали за иднината на односите помеѓу Унијата и регионот.
Во меѓувреме, според сите дипломати во Брисел, Северна Македонија мора да се фокусира на донесувањето на законот за јавно обвинителство, продолжување на борбата против корупцијата и, секако, одржување беспрекорни парламентарни избори во април. Без овие услови, без разлика дали се формално поставени или не, Северна Македонија сериозно ги загрозува сите шанси за почеток на преговорите оваа година, со оглед на чувствителноста на земјите членки на ЕУ. Впрочем, анкетите покажуваат дека истите тие реформи македонските граѓани ги очекуваат од властите, со или без ЕУ на крајот на процесот.