Делков: Општината ја поништи постапката за продажба на земјиште за депонија во Неготино

Општина Неготино со одлука ја поништи постапката за продажба на градежно земјиште за изградба на депонија, информираше денеска за МИА неготинскиот градоначалник Тони Делков. Тој пред неколку дена изјави дека согласно волјата на неготинци и покренатата постапка за референдум по ова прашање, депонија нема да има.

– За  ова има и официјален документ кој може да се провери на интернет страницата за градежно земјиште на e-урбанизам, тоа е системот на кој се води продажбата на градежно земјиште, појасни Делков.

На тие што не му веруваат и сметаат дека не е така, им порача да продолжат со нивните активности околу референдум. Нагласи дека одделни структури од градот пак, со целата таа работа околу депонија за инертен индустриски неопасен отпад, воделе политичка кампања.

Од Здружението на граѓани „Ековита”, кое ја покрена иницијативата за референдум, рекоа дека продолжуваат со собирање на потписи против депонија.

– Ни требаат 3.200 потписи за да се распише референдум, а имаме собрано над  2.500. Ќе ги собереме и ќе успееме. Ова е граѓанска иницијатива, не потекнува од политичка опција.  Наша цел е после успешен референдум, Советот на општината да донесе одлука со која нема да дозволи изградба на депонија во Неготино, рече претседателот на Советот Сашко Тодоров, биолошки инжењер по професија.

Треба да знаете
Последни објави