Во пожарите кои веќе со недели траат во Австралија загинаа милиони животни, а стотици илјади се загрозени.
Страдаа диви и домашни животни при што најмногу се загрозени дивите, кои се изложени на голем ризик од изумирање, објавија австралискиот портал „9њуз“.
Директорката на организацијата „Дивиот живот на Викторија“, Меган Дејвидсон, изјави дека точниот број животни кои настрадаа во пожарите можеби никогаш нема да се знае.
„Опасноста не е помината. Спасувачките тимови се беспомошни. Во следните денови многу животни ќе настрадаат од глад и стрес“, рече таа.
Загрозени се и многу птици меѓу кои и ретки видови.
Во пожарите во Австралија досега загинаа најмалку 18 луѓе, а надлежните предупредија на влошување на временските услови в сабота поради јачината на ветровите и зголемени температури. Досега изгореа околу пет милиони хектари земја, и повеќе од 1.300 домови се уништени.
Поради чадот од пожарите, квалитетот на воздухот во Канбера е најлош во светот во индексот на рангирање, а ветровите го носат чадот и кон Нов Зеланд.