Пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски за денешното обвинение против неа за случајот „Меѓународен сојуз“ денеска дознала од медиумите.
-Во однос на одлуката на ЈО можам само да искоментирам дека е избрзана одлука и е само уште една потврда за тоа дека конструкции без докази може да станат основи за обвинение. Тоа секако ќе се докаже, но за тоа некој мора да сноси одговорност и можам слободно да кажам дека со овој процес можам слободно да најавам и реформа на ЈО, имајќи предвид дека многу од прашањата допрени во јавноста останаа неодговорени и секако тука не очекувам соработка од останати институции, но очекувам соработка од новиот министер за внатрешни работи, којшто можеби ќе има слух и сенс за одредени прашања којшто не беа отворени во изминатиот период, со тоа да добијат на гласност, а со тоа и опозицијата да покаже дека стои на ставот дека ќе работи професионално и согласно закон, изјави Ременски
Според неа, токму овој ден кога во Собранието треба да биде изгласана техничката Влада, не е случајно избран.
-Факт е дека причините за политички елиминации на најгруб можен начин се уште функционираат и јас сум длабоко убедена дека изборот на денешниот ден не е случаен. Доброволно се откажав од партискиот ангажман и не учествувам во никакви партиски активности. Очигледно дека тоа им беше и целта, изјави Ременски.
Според обвинението, Ременска со својот углед и авторитет го поддржувала Боки 13 на средбите со оштетените бизнисмени, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите.
Пратеничката по распитот во ОЈО тврдеше дека станува збор за параполициска местенка и дека очекувала постапката против неа да биде запрена.