Собранието денеска на 127. седница ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април.
Се очекува до полноќ Собранието да ја изгласа техничката Влада, која ќе ја предводи Оливер Спасовски и која од утре, па во следните сто дена треба да ги организира изборите.
Џафери информираше дека премиерот поднел оставка и дека со тоа во оставка е целата Влада.
Заев не ја образложи оставката пред пратениците, но во документот доставен до Парламентот наведе дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на седницата рече дека очекувал премиерот да ја образложи оставката.
Реплицирајќи му, Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ рече дека опозицијата јавно признава дека се плаши од Заев.
– Судбината ви е таква. Зоран Заев е претседател на СДСМ и таа е вашата судбина, и од судбината нема бегање. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се уште не може да ја научи лекцијата и од изминатите години, а покажа и од пред неколку дена и мисли дека со обични лаги и измислици и натаму може да го манипулира својот народ. Во лицата ви се познава дека и вие сами не верувате во тоа што го кажувате, рече Митревски.
Според него, македонските граѓани не се наивни и знаат со кого си имаат работа.
– Свесни сте дека Мицкоски и тоа раководство околу него се уште се директни извршители на наредбите на Никола Груевски, рече координаторот на СДСМ.
Денешниот ден, според Митревски, е само најава за уште една победа на СДСМ и Зоран Заев и дека Македонија ќе биде европска држава.
Во рамки на 127. седница констатирана е оставката и на пратеничката Невенка Стаменковска Стојковски, која ќе биде дополлнителен заменик министер за администрација и информатичко општество од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери претпладнево соопшти дека оставката на Заев ја доставил до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој треба да му го врачи мандатот на Спасовски. Тој, пак, до Собранието треба да достави состав на новата техничка Влада и програма за работа.