Кон крајот на јули минатата година, во еден од моите написи за аферата „Рекет“, малку непристојно можеби, јавно се поканив на средба со сега веќе поранешниот премиер Зоран Заев. Лут поради тоа што ја отворив аферата, збунет од развојот на настаните и неспремен да се справува со кризата, Заев на една прес-конференција си нарача прашање од својот омилен новинар Саше Ивановски дали ќе прифател да се сретне со мене, за фраерски да одговори – немало зошто да се сретнува со мене, а јас („суетниот новинар“, нели) сѐ што сум знаел да сум пријавел во Јавното обвинителство.
Од таа смешна прес-конференција до денес, Заев ми се има јавено само еднаш, а јас нему ниту еднаш, затоа што немам потреба од тоа. Освен тоа, за разлика од многу новинари од неговата пропагандна ергела, јас немам технички канал на комуникација со него. И не ни барам. Сѐ што имав нему да му кажам во таа прилика, почитувани читатели, сега ќе ви кажам и на вас. Ветив дека на аферата „Рекет“ и на другите корупциски скандали ќе се навратам после празниците и после зимскиот распуст, но ете, настаните добиваат нова динамика. Читам дека обвинетиот Бојан Јовановски дал долг и можеби пресвртен исказ кај обвинителката Вилма Русковска, односно одлучил да посочи на вистинските виновници за овој мегакорупциски скандал. Ако не ме лаже усетот, Боки конечно сфатил дека нему му е наменета улогата на жртвено јагне, односно дека тој ќе биде жестоко казнет за власта предизборно да демонстрира „правда“, а сите други кривично и политички одговорни лица, освен обвинетите, ќе се спасат.
Мислам дека од истото се плаши и Фросина Ременски, дека како третообвинета во „Рекет 2“ ќе добие затворска казна и на нејзини плеќи ќе падне товарот на одговорноста на луѓето од власта за скаламуциите на Меѓународен сојуз. Јас секако не велам дека Боки и Фросина не се клучни актери во овој мега скандал. Напротив. Но, како што навестив во некои од моите написи минатото лето, Јовановски сепак беше само маша во рацете на многу покрупни играчи, кои на крајот го собраа кајмакот од милионскиот рекет. За таа игранка сакав да зборувам со Заев. Да бидам искрен, неговото нервозно одбивање да ме прими и да слушне што имам да му кажам, тогаш ме изненади. Денес веќе сѐ ми е јасно.