Државните медиуми и градската полиција објавија дека милион луѓе излегле на улиците во Техеран, а „Ројтерс“ соопшти дека тоа е најголемиот собир од 1989 година, од погребот на основачот на Исламската Република, Ајатолах Хомеини.
Фотографиите на голем број луѓе кои жалат на смртта на генералот веќе трет ден ги споделува иранскиот министер за надворешни работи Џавид Зариф, а денеска на „Твитер“, директно се обрати до претседателот на САД, Доналд Трамп.
„Дали некогаш си видел вакво море од луѓе во својот живот, Трамп? Дали сè уште сакаш да ги слушаш кловновите што те советуваат? Дали сè уште мислиш дека можеш да ја срушиш волјата на овој голем народ? Започна крајот на малигното присуство на Америка во западна Азија, напиша Зариф.
Властите планираат денеска да го пренесат ковчегот со телото на Сулејмани во градот Ком, каде ќе биде организирана и проштална парада, а од таму ќе биде префрлен во Керман-родниот град на Сулејмани , каде ќе биде погребан во вторник.
На лицата на големата поворка има различни чувства, од тага и неверување до лутина иако поминаа неколку дена од убиството на Сулејмани.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи претходно ја предводеше молитвата пред ковчегот. Покрај него беа иранскиот претседател Хасан Рохани, како и лидерот на Револуционерната гарда, генерал Хусеин Салам.
Многу Иранци го сметаа Сулејмани за национален херој, па толпата извикуваше „Смрт за Америка“. Неименуван говорник на парадата претходно денеска понуди 80 милиони долари на оној што ќе ја донесе главата на, како што рече, „оној лудак со жолта коса“, мислејќи на Трам.