Албанските политички партии сè уште не постигнале конкретен договор за можните предизборни коалиции. Идејата за трилатерална коалиција меѓу Алијансата за Албанците, Алтернатива и Беса се уште нема резултати, информираше телевизија „АлсатМ“.
Генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи верува дека ќе се постигне позитивен договор со партијата на Села, но ја отфрла можноста за коалиција со Беса.
Згаснувањето на идејата за трилатерална коалиција не е потврдено од другите две партии, АА и Беса. Села, кој прв ја обелодени оваа идеја пред јавноста, денес за Алсат изјави дека се уште се работи на идејата, иако претходно рече дека одлуката ќе биде објавена на 3 јануари.
Движењето Беса потврдува дека е во постојана комуникација со АА, но не им е јасно зошто нема конкретен повик за трилатерална средба.
Во меѓувреме, ДПА веќе одлучи да излезе сама на избори. Партијата на Мендух Тачи рече дека постојат два услови за постизборни коалиции- елиминација на ДУИ од владата и вицепремиерско место за ДПА.