Претседателот на Косово Хашим Тачи се сретна вчера со лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, кому, како на лидер на партијата победничка на октомвриските парламентарни избори, му даде рок од 48 часа да номинира кандидат за премиер на новата косовска влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук по денешната 15-минутна средба со Курти, Тачи порача дека „потребата од формирање Влада е од витален интерес за државата и граѓаните на Косово”, но дека Курти „не беше спремен да понуди предлог за мандатар” за идната влада.
– Штотуку остварив кратка средба со лидерот на ВВ Албин Курти, во обид да се имплементираат резултатите од Општите избори од 6 октомври минатата година. (…) Потребата од формирање Влада е од витален интерес за државата и граѓаните на Косово. Г. Курти денеска не беше спремен да понуди предлог за мандатар од Движењето Самоопределување, напиша Тачи.
Тој порача дека, како претседател на државата, ќе го употреби „уставниот и законски авторитет за зачувување и негување на политичкото и граѓанското единство и евроатлантската ориентација на косовската држава”.
– Затоа решив да му понудам на г. Курти дополнително време од 48 часа за номинирање на кандидатот/кандидатката за иден премиер на Владата на Република Косово, пред да ги преземам следните уставни и законски дејствија, порача Тачи.
Курти по состанокот во кабинетот на Тачи изјави за медиумите дека имале „кратка консултативна средба без правни ефекти”.
– Ова беше кратка консултативна средба без правни ефекти во врска со наредната фаза на формирањето на институциите. Претседателот побара ние да изнесеме предлог и за ова негово барање јас ќе го известам Претседателството на ВВ, изјави Курти.
Тој порача дека ќе се сретне со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), како единствен можен партнер за формирање на новата влада, кога и да се согласи таа партија.
Курти изјави дека во моментов ја исклучува опцијата на нови парламентарни избори и дека негова примарна цел е да го направи Косово со нова Влада. Сепак, порача тој, „ВВ е во секое време подготвено да влезе во нов изборен натпревар”.