Американскиот филмски продуцент Харви Вајнстејн е обвинет за сексуален напад, одлучи судот во Лос Анџелес, пренесуваат американските медиуми. Ова се случи истиот ден кога Вајнстејн се појави пред судот во Њујорк за друг случај.
Судот во Лос Анџелес соопшти дека обвинението е за наводен сексуален напад врз две жени во 2013 година. Доколку биде прогласен за виновен, Вајнстејн би можел да се соочи со 28 годишна затворска казна.
Продуцентот претходно се појави во судот во Њујорк, каде се соочува со одделни обвиненија за силување и за сексуален напад.
Тој рекол дека сите негови врски биле консензуални, но признал дека „предизвикал многу болка“.
Скандалот избувна пред две години, а околу 80 жени, меѓу кои и актерките Гвинет Палтроу, Анџелина Џоли и Леа Сејду, подоцна го обвинија холивудскиот продуцент за сексуално вознемирување и злоставување.
Вајнстајн (67) се изјасни како невин.