„Боингот“ кој се урна во Иран бил нов и пред два дена бил на технички преглед

Украинскиот „боинг 737-800“ кој денеска се урна во Иран, при што загинаа 176 луѓе, бил нов и два дена пред несреќата ја поминал последната техничка контрола, објави украинската авиокомпанија „УИА“, додека украинските власти не ја исклучуваат можноста дека авионот можеби е погоден со проектил.

„Авионот е произведен во 2016 година, компанијата го презеде диретно од фабрика. Авионот го помина редовното техничко одржување на 6 јануари 2020“, објави „УИА“.

„Тоа беше еден од нашите најдобри авиони со исклучително добар персонал“, рекол претседателот на оваа приватна компанија, Јевген Дин, пренесува „Франс прес“.

Најголемата украинска авиокомпанија одлучи да ги суспендира сите летови до Техеран на неопределено.

Во падот на авионот загинаа сите патници, меѓу нив 83 се Иранци и 63 Канаѓани. На местото на несреќата се пронајдени црните кутии.

Украинската амбасада во Иран претходно објави дека дошло до дефект на моторот од технички причини и ја исклучи можноста за терористички напад, но набргу го повлече соопштението и објави ново во кое не се споменува дефект на моторот и се наведува дека претходната информација за несреќата не била официјална.

По несреќата, портпаролот на „Боинг“ рече дека компанијата собира информации за падот на леталото.

„Боинг“ во март минатата година ги приземји сите авиони од серијата 737 МАКС откако два авиона од овој модел се урнаа во краток период, а во двете несреќи загинаа над 300 луѓе.

Треба да знаете
Последни објави