Европската комисија повика денеска итно да прекине употребата на оружје во судирот меѓу Иран и САД на Блискиот исток, а инволвираните страни да вложат напори за обновување на дијалогот.
– Употребата на оружје мора да прекине веднаш со цел да се даде простор за дијалог, истакна претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
Таа, исто така, нагласи дека ЕУ „нема да штеди напори” во обидите да го одржи жив нуклеарниот договор со Иран.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ги повика сите страни кои придонеле за зголемување на тензиите да се воздржат од воени акции.
– Најновиот ракетен напад врз воените бази во Ирак кои ги користат САД и коалициските сили, меѓу кои и Европејците, претставува уште еден пример на ескалација и зголемени конфронтации. Никој нема интерес насилството да продолжи да расте, истакна Борел.
Тој го повика иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф во Брисел, каде в петок шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ ќе одржат специјален состанок околу актуелната криза.