Маршал Стјуарт Пич за МИА: Будно ја следиме ситуацијата по убиството на Сулејмани, НАТО останува единствена и обединета

НАТО е единствена и обединета и таа обединетост беше потврдена и во Северноатлантскиот совет оваа недела, нагласи претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, во ексклузивното интервју за МИА, во кое меѓу другото, говоревме и за последните случувања на Блискиот Исток, по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани.

Во врска со новата криза, која е на повидок по убиството на Сулејмани, што доведе до влошување на односите на САД со Иран, Ирак, маршалот Пич во интервјуто за МИА потенцира дека по убиството на Сулејмани тензиите се присутни, но нагласи дека Алијансата е многу прилагодлива и има голема способност на организација, команда и контрола, како и мониторирање на последните случувања.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по вонредниот состанок на постојаните амбасадори повика на воздржаност и намалување на тензиите меѓу САД, но во НАТО има загриженост во врска со едностраниот потег на Вашингтон, за кој Столтенберг рече дека воздушниот напад е „одлука на САД”. Денеска Иранската револуционерна гарда изврши ракетни напади врз две бази во Ирак, како одмазда за смртта на Сулејмани.

-Ќе преземеме соодветни чекори, рече маршалот Пич во интервјуто за МИА,  без да прецизира на што мисли и додаде дека НАТО продолжува со поддршката за ирачката Влада.

-Ние сме присутни во Ирак, НАТО има мисија за обучување, тоа не е борбена мисија и сме таму на покана на ирачката Влада. Поради моменталната ситуација мисијата е суспендирана, нашите активности се суспендирани. Ние сериозно ја земаме предвид заштитата на сите оние кои служат под знамето на НАТО, тоа е сериозна должност. Нема да дискутирам за детали од операциите, за локации, но ви давам збор дека безбедноста на тие луѓе ја сметаме за многу сериозна. Одблизу ја следиме ситуацијата. Имате право-  има тензии, но се враќам на претходниот одговор  – Алијансата е многу прилагодлива и има голема способност на организација, команда и контрола, како и способност за мониторирање на последните случувања. Ќе преземеме соодветни чекори и ја продолжуваме поддршката за ирачката Влада ако тоа од нас се бара, вели Пич за МИА.

Пич, кој е претседавачот на највисокото воено советодавно тело на НАТО, денеска се сретна со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по што беше информиран за плановите и процесот на трансформација на командите и единиците на Армијата. Ја посети и Канцеларијата за врски на НАТО, а утре ќе биде примен и од претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.

Во интервјуто за МИА изрази задоволство од напредокот на Армијата и ја очекува земјава наскоро и официјално да стане 30. земја-членка на НАТО. Во интервјуто со маршалот Мичел разговараме и за неговите очекувања за мешање на трети страни во последните чекори на официјализирањето на нашето членство, за борбата против лажните вест, за 5Г технологијата, но и за односите на НАТО со Русија.

МИА целото интервју со видео материјалот ќе го објави утре.

Треба да знаете
Последни објави