Стоилковски: ОЈО и власта во заминување мора да одговори кој тоа сакал да го ликвидира Боки 13?

Интегрален текст од прес конференција на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

„Наместо истрага и расчистување на „Рекет“ – најголемиот мафијашко рекетарски скандал во Македонија, Јавното обвинителство се става во улога на заштитник на власта. Наместо одговори – вербално или со дела – по прашањата за тоа дали и кои се „В.З., професорот, советникот, новинарот“ за кои што зборува јавноста, преку настапи во медиуми се загрозува доверливоста на сведочењата на обвинетите, само и само со цел заштита на власта во заминување.

Почитувани,

Секому му е јасно дека „Рекет“ не застанува на тројцата обвинети и дека спрегата на Зоран Заев со обвинителството во пупка ги кријат вистинските лица кои што стојат зад најголемата криминално – рекетарска афера, најголемото криминално здружување, државната мафија во Македонија!

По неколку дена од даден нов повеќечасовен исказ на првоосомничениот, по денови од јавните навестувања кои се главните луѓе во ова здружување, од обвинителството нема одговори, нема проширување на истрагата, има само обид за јавно чистење на имиња од власта!

Обвинителството и власта во заминување мора да одговорат:

Дали Бојан Јовановски во повеќечасовниот исказ кажал кои се луѓето кои што земале рекет?

Каде завршувале милионите? Колку милиони евра биле во игра?

Кој тоа му се заканувал и сакал да го ликвидира Боки 13?

Дали воопшто се презема нешто по основ на искажан страв од закани по живот на првоосомничениот?

Дали и кога обвинителството би ја истражувало улогата на Зоран Заев? Каде е одговорноста на луѓето на Зоран Заев но и на самиот Заев?

Што барала Радмила Шекеринска во домот на Бојан Јовановски?

Како е возможно телевизиски шоумен да договара бизнис за болници со министер за здравство во неговиот дом?

Однесувањето на обвинителството само дополнително ја потврдува спрегата со власта на Заев, и се’ повеќе наликува на периодот кога „Рекет“ се појави во јавноста, а на главните актери им беше оставан бришан простор за сокривање на доказите и влијаење на сведоците.

Обвинителството не смее да сокрива информации или да остава време за осомничените да го продолжат делото, да влијаат врз сведоци, или да избегаат! Ова е форма на здружување, опишана во членот 394 од Кривичниот Законик како злосторничко здружување, и за тоа мора да има одговори и мора да има одговорност!“

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави