Папата Фрнциско, кој минатата недела удри жена по рака, откако таа се обиде да го зграби и повлече кон себе, денеска реагираше весело и повеќе во негов стил, кога калуѓерка го замоли за бакнеж. Поглаварот на римокатоличката црква вети дека ќе го направи тоа доколку таа вети дека нема да го гризне.
Додека одеше кон големата сала, каде го чекаа илјадници луѓе, возбудената калуѓерка го запраша папата дали ќе ја бакне, обидувајќи се да зборува на италијански јазик: „Бакнеж, папа!“, викаше таа.
Франциско одговори: „О, ама ти гризеш“, по што настана општа смеа кај присутните. Потоа тој продолжи со шегата: „Биди мирна! Ќе те бакнам, но остани мирна. Немој да ме гризнеш!“
Калуѓерката вети, по што тој ја бакна во десниот образ. На нејзината среќа немаше крај, па таа започна да скока и да вика „благодарам, папа!“
Снимката од папата Франциско, кој налутено реагираше на грубото повлекување од верничка на плоштадот „Свети Петар“ по мисата на новогодишната ноќ, доби стотици илјади прегледи на социјалните мрежи.
Следниот ден папата се извини за својата постапка и рече дека изгубил трпение давајќи лош пример.