УЈП со кривични за Меѓународен сојуз, Томато продукција и БЈМ медиа Груп

Управата за јавни приходи, УЈП, изготви три кривични пријави за субјекти поврзани со случајот Рекет. Како што информираат од УЈП, како резултат на контролите вршени во изминатиот период, кривични пријави наскоро ќе бидат процесуирани за невладината организација на Боки 13 Меѓународен сојуз, за Томато продукција и БЈМ медиа Груп, која ја основаше 1ТВ и чиј сопственик е таткото на Боки 13, Миле Јовановски.

Повеќе детали не се откриваат, но како што е познато, минатата есен УЈП ја прошири истрагата за случајот Рекет и почна контрола на работењето на фирмите поврзани со Бојан Јовановски.

Според тогашните информации на УЈП, во фирмите на Јовановски се вршела даночна контрола, која не била по налог на Јавното обвинителство, туку на сопствена иницијатива на Управата, но со намера сомнителните наоди да им се предадат на обвинителите, што сега и се прави.

Исто така, на почеток на контролите УЈП прецизираше дека нема да се утврдува потеклото на парите, туку ќе се проверува дали за платите, хонорарите и за другите исплати во контролираните субјекти бил плаќан данок.

Треба да знаете
Последни објави