Белград и Бања Лука би можеле наскоро да покренат заедничка дипломатска иницијатива да се формира меѓународна комисија за граѓанската војна во Босна и Херцеговина и за настаните во Сребреница, пренесува „Вечерње новости“.
Весникот напоменува дека оваа идеја постои одамна, но дека е повторно реактивирана откако британската влада објави доверливи документи со кои, како што пишува „Вечерње новости“, се потврдува дека нападот на босанските Срби во Сребреница го испровоцирале бошњачките сили како и дека раководствата на Република Српска и на Србија ниту ги организирале ниту ги наредиле злосторствата.
„Новости“ потсетуваат дека настаните во Сребреница веќе ги истражува независна Комисија за истражување на страдањата на сите народи во сребреничкиот регион, што во август 2018 година ја формираше владата на Република Српска. Комисијата до крајот на годината би требало да го заврши извештајот и да им го претстави на институциите во Бања Лука.
Милорад Којиќ, директор на Републичкиот центар за истражување на војната, воените злосторства и за барање исчезнати лица, вели дека документот на британската разузнавачка служба што се однесува на Сребреница ѝ бил отстапен на оваа комисија.
„Британскиот документ на 200 страници ја потврди тезата дека во Република Српска не постоел никаков план за злосторство, па сепак на Србите им се судеше за геноцид. Да биде ситуацијата полоша и Британија која поседувала документ од кој се гледа дека Србите не планирале злосторство во Сребреница, испрати Резолуција за геноцидот во Сребреница до Советот за безбедност на ОН. Ова е голем апсурд“, вели Којиќ.
Тој смета дека еден таков документ на разузнавачките служби евентуално може да доведе до повторување на постапката во кривичните предмети кои се веќе завршени, а би можел и потенцијално да помогне во процесите што сè уште се водат.