Судски совет со осуда за заканите од адвокатот Страшовски кон судијата-поротник, Иван Џолев и СС

Судскиот совет на Република Северна Македонија го осудува однесувањето на адвокатот Јовица Страшовски – бранител на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, во случајот „ТНТ”, кој јавно им се заканува на судијата-поротник, претседателот на Основниот кривичен суд Скопје и на претседателот и членовите на Судскиот совет.

-На овој начин, адвокатот Страшовски покрај улогата на бранител, настојува да ја менаџира постапката во случајот „ТНТ”‘, да ја превземе и улогата на судија, спротивно на принципот на владеење на правото чиј сегмент е и принципот на судење во разумен рок. Судскиот совет не може да се меша во менаџирањето со предметите, но е заинтересиран постапките да се завршат без одовлекување во разумен рок, се наведува во денешното соопштение од Судскиот совет.

Оттаму информираат дека барањето на претседателот на Основниот кривичен суд Скопје за продолжување на мандатот на судија-поротник било ставено на дневен ред на 328-та седница на Судскиот совет од 25.12.2019 година.

– Дел од точките од дневниот ред беа одложени за 30.12.2019 година. Поради немање кворум за одлучување и потребата материјалите да бидат доставени на увид и проучување на новоизбраниот член на Советот, седницата се одложи за 27.01.2020 година, се додава во соопштението објавено на  веб-страницата на Судскиот совет.

Претходно Министерството за правда апелираше сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – тоа да биде санкционирано. Апелот уследи откако претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев побара од Адвотатската комора, МВР и Обвинителството да преземат соодветни мерки и да ги истражат елементите на закани и притисоци упатени кон судот и судијата – поротник, во однос на изјавите на дел од адвокатите во предметот на јавноста познат како „ТНТ”.

Треба да знаете
Последни објави